Британскиот весник Економист оценува дека само придвижувањето на идејата „за размена на територии меѓу Косово и Србија“ која, како што наведува, не е лесно изводлива, отвора нови „перспективи“ за регионот.
Весникот пренесува изјава на неименуван висок функционер во Косово кој за Економист вели дека „секогаш има други опции“.
Под тоа тој смета дека Косово, доколку Белград не признае независност и оневозможи членство во ОН, може да се определи за обединување со Албанија.
– Некои националистички настроени во Србија кои разбираат дека Косово е загубено би можеле тоа да го поздрават. Ако биде формирана „голема Албанија“ тогаш тие би можеле да бараат „голема Србија“ со право врз српскиот дел од Босна за што војуваше Милошевиќ, наведува британскиот весник.
Според него, Белград и Приштина тешко можат да се договорат за размена на територии. Идејата за размена буди надежи и стравови на Балканот и предизвикува политички превирања во Косово, наведува весникот.
– Ако Косово и Србија направат промени на своите граници по етнички линии, тоа би значело голема и можеби десабилизирачка промена за регионот, се наведува во текстот.
Тоа би значело на пример дека претседателот на Република Српска може да ги засили барањата за независност тврдејќи дека старите внатрешни граници на Југославија сега се повредени и тоа може да се случи и со границите во Босна, нагласува венсикот.
Според медиумот „тоа би предизвикало опасност од нова војна“.
Лондонскиот весник потсетува и дека Вучиќ „сака гаранции дека Србија ќе стекне членство во ЕУ ако се случи договор меѓу Белград и Приштина“ и оценува дека ЕУ такво ветување не може да даде“. (МИА)