Британскиот весник „Економист“ денеска објави дека можно е „правиот план“ на српскиот и косовскиот претседател, Александар Вучиќ и Хашим Тачи, да е Србија да ја признае независноста на Косово, а за возврат, северниот дел од Косово да добие автономија.
Во текстот „Лидерите на Косово и на Србија разговараат за размена на територии“ се наведува дека по завршувањето на војната во Југославија илјадници луѓе останаа во земји, кои не ги сметаат за свои и оти голем број „миротворци“ предупредуваат дека прекројувањето на границите води кон дополнителни судири, а последица од тоа се околу 120.000 Срби живеат во Косово, претежно населени со Албанцкиа, а 60.000 Албанци живеат во Прешевска Долина, во Србија.
Весникот посочува дека поединечни локалнио лидери веќе подолг период се заинтересирани за размена на територии. Додека, Европска унија и САД до неодамна ја обесхрабруваа таквата идеја, но според „Економист“ ситуацијата е променета.
– Велат дека Федерика Могерини сака до следната годината, до крајот на нејзиниот мандат на висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност да биде постигнат договор за српско признавање на Косово, а размена на територии би можело да биде еден од начините, посочува „Економист“.
Весникот додава и дека според изјавите на советникот на американскиот претседател за национална безбедност Џон Болтон, ниту САД повеќе не се спротиставуваат на таквата идеја.
– Српски и косовски претставници, исто така сакаат да ги забрзаат работите пред европските парламентарни избори, што ќе се одржат во мај следната година, бидејќи би можело да ги дочека Комисија, која е попопулистички расположена и која ќе е против проширување, наведува „Економист“.
Весникот додава дека повеќе од еден месец и Тачи и Вучиќ даваат „двосмислени изјави“ за евентуален договор.
– Иако двете страни ќе го мразат договорот, барем нивните лидери ќе можат да кажат дека сочувале скапоцена територија, оценува „Економист“. (МИА)