Стартот на преговорите за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ е меѓу темите за кои информираат бугарските медиуми, јави дописникот на МИА од Софија.
Бугарското национално радио (БНР) информира дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен по првата меѓувладина конференција под чешкото претседателство со ЕУ во Брисел, изјави дека сега започнува работата на преговарачките тимови за проверка на законодавството на Заедницата, што ќе им овозможи на двете земји од Западен Балкан да се запознаат со правата и обврските во ЕУ.
Медиумите ги цитираат и зборовите на Фон дер Лајен на почетокот на заедничката изјава дека „ова е историски момент“.
Бугарската национална телевизија (БНТ) во своите централни информативни емисии јави дека Северна Македонија и Албанија ги започнаа преговори за членство во ЕУ, посочувајќи дека тоа беше овозможено откако парламентите во Скопје и Софија „го одобрија започнувањето на преговорите, а двете земји потпишаа протокол со кој „Северна Македонија е се обврза да го промени својот Устав и да ги признае тамошните Бугари заедно со другите делови од народи“.
БНТ нагласи и дека Северна Македонија 17 години чекаше на почеток на преговорите со ЕУ, а Албанија 13 години.
Софиски „Дневник“, без на кој било начин да ја спомене Бугарија и нејзината одлука за повлекување на ветото, објави дека Европската комисија, Северна Македонија и Албанија вчера во Брисел „најавија почеток на преговорите за пристапување на двете земји од Западен Балкан во ЕУ“.
Весникот посочува дека претседателката на Европската комисија избегнала да ја спомене Бугарија, нагласувајќи ги само достигнувањата на Скопје и Тирана, а чешкиот премиер Петер Фиала, чија земја во моментов претседава со Советот на ЕУ, ги нагласи цврстите позиции на Албанија и Северна Македонија против руската војната во Украина.
„Дневник“ наведува и дека премиерите на Северна Македонија и на Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама им се заблагодарија на француското претседателство, на „нивните пријатели во ЕУ“, на Европската комисија, на францускиот претседател Емануел Макрон и на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, како и на нивните граѓани за успехот, но без споменување на Бугарија која година и половина со вето го блокираше почетокот на преговорите за членство на Скопје во ЕУ.
Телевизиите бТВ и Нова ТВ во своите централни информативни емисии јавија за почетокот на преговорите на Северна Македонија и Албанија во ЕУ и ги пренесоа изјавите на премиерите на двете земји Димитар Ковачевски и Еди Рама во Брисел.
бТВ пренесе и изјава на бугарскиот европратеник Илхан Ќучук , кој е известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, дека Бугарија треба да има свои претставници во преговарачкиот процес на земјата со ЕУ и постојано да биде во Брисел.