Една од двете докторки кои оперирале двегодишно девојче од Какањ, Босна и Херцеговина, кое паднало во кома откако работите се влошиле од непознати причини, нема лиценца за работа од Лекарската комора на Кантонот Сараево.
Министерот за здравство Харис Враниќ, од Лекарската комора побарал информација за лиценците за работа на докторките од приватната офталмолошка ординација „Д-р Халимиќ“, а со увид во списокот лиценцирани доктори утврдено е дека една од нив ја немало на списокот, пренесува „Кликс.ба“.
Ве известуваме дека докторката Нина Јовановиќ не е член на Лекарската комора на КС и нема лиценца од нашата комора, додека докторката Јасмина Халимиќ поседува важечка лиценца и е член на Лекарската комора, речено е од оваа установа.
Освен што докторката Јовановиќ немала лиценца за работа, сомнителни се и апаратите во приватната клиника за анестезија и терапија на болката на анестезилогот д-р Суад Рожајац, а кои биле користени во текот на операцијата на девојчето. Проблемот е во тоа што тие не се законски верификувани, што според Законот за мерителство на БиХ значи дека ја немаат потребната дозвола.
Инаку, девојчето од Какањ паднало во кома откако правело речиси рутинска операција во клиниката. На родителите, анестезиологот Суад Рожајац по операцијата им рекол дека не знае што се случило и дека се било во ред до самиот крај на операцијата.
Заради тоа утрово службеници на Кантоналната управа за инспекциски работи на Кантонот Сараево влегоа во просториите на приватната клиника Бајтовиќ, а во која се наоѓаат изнајмените простории на приватната клиника „Халимиќ“.