петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Галеника ја купува Lifemedic и го проширува портфолиото на производи

Фармацевтската компанија Галеника, една од најголемите производители на фармацевтски производи во Србија и регионот, го проширува своето работење со преземањето на компанијата Lifemedic d.o.o. од Белград. Со оваа трансакција, Галеника станува сопственик на 100% од српско-словенечката компанија Lifemedic и ја презема ексклузивната дистрибуција на програмата за производи на реномираната италијанска фармацевтска компанија Pharmalife Research, за пазарите во Србија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Црна Гора.
Галеника ја купува Lifemedic и го проширува портфолиото на производи

Трансакцијата ќе биде завршена откако антимонополските комисии на пазарите во Србија, Северна Македонија и Црна Гора ќе го спроведат процесот на одобрување, што се очекува на крајот на четвртиот квартал од 2023 година, по што ќе започне процесот на интеграција.

Компанијата Галеника е стратешки посветена на постојано проширување на својата палета на производи во корист на потрошувачите. Препознатливоста на брендот, квалитетот, доверливоста и довербата во производите на Галеника ја направија компанијата успешна со децении. Со оваа аквизиција, Галеника доследно продолжува да го шири своето портфолио на производи.

„Откако стана дел од бразилската NC групација, Галеника постигна значителен деловен раст и меѓународна експанзија. Купувањето на компанијата Lifemedic и почетокот на соработката со италијанскиот производител Pharmalife Research претставува уште еден чекор во интернационализацијата на бизнисот на Галеника и ја потврдува нашата целосна посветеност на инвестиции и иновации во согласност со современите потреби на потрошувачите. Pharmalife Research има над 400 производи во своето портфолио и извезува во 60 земји низ светот. Среќни сме што најдовме глобален партнер кој ги споделува нашите вредности и посветеност на квалитетот на производите и здравјето“, рече Рикардо Вијан Маркес, генерален директор на Галеника.

Lifemedic е српско-словенечка компанија со долгогодишно искуство во дистрибуција на додатоци во исхраната и козметички производи произведени од реномирана биофармацевтска компанија – Pharmalife Research од Италија, а воедно Lifemedic е и ексклузивен увозник и дистрибутер за пазарите во регионот. Компанијата има стабилен двоцифрен раст и партнерства со над 5.000 аптеки и малопродажни синџири низ целиот регион. Pharmalife Research е сигурен фармацевтски партнер во областа на педијатријата, додатоци во исхраната, дермокозметиката и фитотерапијата, како во Италија, така и на меѓународните пазари.

„Квалитетот, доверливоста, иновативноста, научниот пристап и претприемачкиот дух на ‘Made in Italy’ доведоа до позиционирање на Pharmalife Research и на домашниот и на меѓународниот пазар. Квалитетот на прво место, заедничките вредности и меѓународната амбиција се нешта во кои ја препознавме компанијата Галеника и затоа Галеника ја сметаме за вистински партнер и долгорочна поддршка за соработка во остварување на заедничките глобални цели“, рече сопственичката на Pharmalife Research, д-р Ана Крупи.

„После 14 години успешно работење на Lifemedic d.o.o. во Србија и регионот, како и континуираниот раст и развој на брендот и производите Pharmalife, верувам дека оваа аквизиција со Галеника ќе донесе дополнителна вредност и ќе придонесе за понатамошно распространување на производите на Pharmalife во регионот“, изјави Зоран Станимировиќ, извршен директор на Lifemedic d.o.o.

* * * * *

За компанијата Галеника

Галеника е најстарата фармацевтска компанија во регионот. Основана е во 1945 година, а од 2017 година работи како дел од бразилската NC групација, која ја вклучува и ЕМС – најголемата фармацевтска компанија во Бразил и една од најголемите фармацевтски компании во цела Латинска Америка.

Со портфолио од повеќе од 250 производи, Галеника произведува најсовремени генерички лекови, додатоци во исхраната, козметички производи и медицински помагала. Производните капацитети на компанијата вклучуваат фабрика за лекови и фабрика за цврсти фармацевтски препарати во Белград, а речиси комплетната палета на производи е резултат на сопствен развој и соработка со сестринска компанија од Бразил. Компанијата поседува и применува највисоки GMP, ISO и HACCP стандарди, а носител е и на 15 домашни и меѓународни GMP и ISO сертификати за највисоко ниво на стандарди за работа и производство.

Галеника го заокружи своето присуство на пазарот во Централна и Источна Европа со отворање компании во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Унгарија, Хрватска и Словенија. Со извозот и присуството на своите производи, компанијата Галеника работи во регионот, но и на 16 меѓународни пазари на три континенти. Компанијата е посветена на одржливо деловно работење, заштита на животната средина и општествено одговорни проекти од национално значење на тема превенција и здравје.

За компанијата Lifemedic

Lifemedic d.o.o. е српско-словенечка фирма со долгогодишно искуство во увоз, дистрибуција и маркетинг на природни препарати – додатоци во исхраната, од реномираниот фармацевтски производител Pharmalife Research Italy. Компанијата има сертификат за кредитен рејтинг ААА и нејзината мисија е да позиционира висококвалитетно портфолио на производи во Србија и во регионот. Lifemedic е ексклузивен увозник и дистрибутер на препарати од фармацевтскиот производител Pharmalife Research за пазарите во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Северна Македонија.

За компанијата Pharmalife Research

Повеќе од 20 години, Pharmalife Research проучува, истражува и учи за растенијата и производите направени од нив, развивајќи нови природни третмани. Високиот квалитет на производите и производните процеси кои ги постигнува, компанијата ги потврдува со сертификати. Експертскиот тим на Pharmalife Research го сочинуваат фармацевти, хемичари и доктори на медицински науки кои континуирано се занимаваат со истражување и соработуваат со врвни институции со цел да се откријат нови фитотерапевтски решенија. Мисијата на Pharmalife Research е да им понуди на своите потрошувачи природен, безбеден и ефикасен производ за превенција и добро здравје на организмот без несакани ефекти карактеристични за употребата на лекови. Pharmalife Research има сертификат за GMP (добри производни практики) издаден во согласност со протоколот на FDA. Овој сертификат гарантира квалитет и безбедност во сите фази на производство: од набавка на суровини до готовиот производ. Pharmalife Research поседува и ISO 9001, ISO 13485 и ISO 22000 сертификати.