Доколку петмината уапсени Срби во општина Гњилане до вечерва не бидат ослободени, дијалог меѓу Белград и Приштина „нема да има и нема да го биде долго време“, порача денеска во Белград на вонредна прес конфернеција директорот на владината Канцеларија за Косово, Марко Ѓуриќ.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Ѓуриќ истакна дека тоа е порака и на претседателот Александар Вучиќ, како и дека се информирани и преставниците на ЕУ, но засега нема одговор од нив за овој проблем.
Ѓуриќ информираше дека косовската полиција во општина Гњилане го уапсила началникот на Косовско-поморавскиот округ Радован Стојковиќ, директорот на филијалата на Национлната служба за вработување Јован Дениќ, како и Ненад Стојановиќ кој е припадник на Војската на Србија, кој живее на Косово, а работи во Врање. Уапсени се и браќата Александар и Предраг Ѓорѓевиќ, од кои едниот е активен, а вториот е пензиониран припадник на српската полиција.
Според Ѓуриќ, нивниот единствен грев е тој што не го поддржуваат формирањето на војската на Косово или јавно се спротивставувале на оваа формација.
– Нападот беше извршен на брутален начин, според испробаното сценарио на албанските екстремисти, потполно спротивно на се што е договорено на последната средба меѓу Вучиќ и Федерика Могерини, кога беше јасно и недвосмислено договорено дека таквите работи нема да се случуваат, а Албанците ја презедоа обврската нашите луѓе да ги третираат со почит, што беше загарантирано и со присуството на Могерини, истакна Ѓуриќ.
Тој додаде дека пет Срби се уапсени за вербален деликт во време кога премиерите на регионот се состанаа во Лондон, на разговори околу мирот.
– Нивниот единствен грев е тој што тие вербално се спротивставија на формирањето на косовската армија, посочи Ѓуриќ.
Тој констатираше дека состојбата во Косово по апсењето на петмината Срби е „многу лоша“. МИА