Павлос Фисас е еден од водечките симболи на нашата ера во борбата против фашизмот, ксенофобијата и расизмот, напиша грчкиот премиер Алексис Ципрас на неговиот официјален Твитер профил, по повод петгодишнината од убиството на тогаш 34-годишниот музичар Фисас од припадник на Златна зора.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, по убиството во 2013, секоја година на 18 септември во атинската населба каде што Фисас беше до смрт избоден со нож, се оддржуваат протести и концерти во негова чест, а тој стана симбол на борбата против фашизмот.
Само неколку дена по убиството во 2013, започна да се одмотува клочето и да излегува на виделина вистинското лице на Златна зора. Следеа низа апсења, притвори, пуштање на слобода и една и пол година подоцна започнување на судскиот процес.
Судскиот процес за убиството на Фисиас, што започна на 20 април 2015, се уште трае. Станува збор за најголемиот, најобемниот и најдолгиот судски процес во Грција.
МИА