недела, 12. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Градоначалникот на Белград Александар Шапиќ поднесе оставка

Градоначалникот на Белград Александар Шапиќ поднесе оставка

Градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ, изјави дека формално поднесува оставка од таа функција, но дека посветено ќе работи и ќе го води Белград до денот на изборите и конечната проверка за довербата на граѓаните, јави дописникот на МИА од Белград.

-Штотуку поднесов формална оставка како градоначалник на Белград, за да почнат да се создаваат законски услови за одржување на изборите кои покрај парламентарните и покраинските избори, на 17 декември ќе се одржат и на ниво на град Белград, рече Градоначалникот Александар Шапиќ.

Шапиќ е и функционер на владејачката Српска напредна партија (СНС).

-Кога Владата на Србија ќе воведе привремено тело… Очекувам како претседател на тоа тело да продолжам да го водам Белград, до денот на изборите и конечната проверка на довербата за се што направивме во претходната година и пол и што допрва планираме да направиме за доброто на Белград, рече Шапиќ.

Денес продолжи бранот оставки на градоначалници во Србија, за да се стекнат услови за одржување и на вонредни локални избори, па така оставки поднесоа и градоначалникот на Крагуевац, Никола Дашиќ и градоначалникот на Пирот, Владан Васиќ.

Вчера оставки поднесоа градоначалниците на Краљево Предраг Терзиќ, на Лесковац Горан Цветановиќ, на Нови Пазар, на Кучево, Трстеник и Смедерево.

Градоначалниците и претседателите на општитните почнаа од вчера да поднесуваат оставки, што е во корелација со изјавата на претседателот Александар Вучиќ, дека „парламентарните, покраинските и белградските избори ќе се одржат заедно, како и во некои општини и може да се одржат и на 17 декември“.