Со говори на лидерите на партиите и на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вечерва во грчкиот Парламент ќе кулминира петдневната расправа за буџетот за 2023 година, по што ќе следи и гласање на пратениците, јави дописничката на МИА од Атина.
Расправата започна во вторникот, а очекувањата во Грција се дека и вечерва ќе има жестока дискусија во Парламентот меѓу претседателите на партиите, но и меѓу лидерот на опозициската СИРИЗА Алексис Ципрас и грчкиот премиер со акцентот ставен на двата скандали, оној со прислушувањата и оној со европратеничките, како и на инфлацијата, економијата и енергетиката.
Самото гласање во Парламентот, традиционално, секоја година се смета како глас за доверба на актуелната Влада.
Буџетот предвидува 9,7 отсто инфлација за 2022 и пет проценти за 2023 година, ритам на раст 5,6 отсто во 2022 и 1,8 проценти во 2023 година, стапката на невработеност се очекува дополнително да се намали на 12,7 отсто, наспроти 13,9 проценти предвидени во Програмата за стабилност и 14,2 отсто во Буџетот за 2022 година, а во однос на фискалниот резултат, предвидува дефицит од 1,6 отсто од БДП за 2022 година, а следната година земјата ќе се врати на примарен суфицит од 0,7 проценти од БДП.
Дополнително предвидува и следната година да се спроведат мерките што беа воведени годинава, како што се субвенции на сметките за струја; намалено ДДВ на безалкохолни пијалоци, на билети за кино, театар и концерти, на фитнес центри, туристички пакети, како и превоз на патници; продолжување на породилниот додаток во приватниот сектор од шест на девет месеци; зголемен станбен додаток за поддршка на студентите; обезбедување стимулации за продолжување на туристичката сезона и во текот на зимската сезона итн.