понеделник, 29. јануари 2024. Вести денес: 0
home Регион

Грчкиот Парламент го изгласа новиот закон за Националната служба за разузнавање

Грчкиот Парламент го изгласа новиот закон за Националната служба за разузнавање

Со 156 гласа „за“ и 142 „против“, грчкиот Парламент го изгласа новиот закон за легалните следења, работата на Националната служба за разузнавање (ЕИП) и безбедност на комуникациите, јави дописничката на МИА од Атина.

Новиот закон не доби поддршка од грчките опозициски партии, а гласањето беше по дводневната расправа и жестоката дискусија во Парламентот, особено меѓу грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас.

На средината на ноември грчката Влада го објави новиот предлог- закон за легалните следења и за работата на Националната служба за разузнавање, кој меѓу другото предвидува и забрана за поседување и употреба на нелегални софтвери за прислушување; построги и посложени процедури за одобрување на легално следење на политичари; воведување нови сектори во Националната служба за разузнавање (ЕИП), зајакнување на сајбер безбедноста.

Новиот закон, Владата го предложи по скандалот со прислушувањата во земјата, како легалните преку ЕИП, така и оние со софтверот „Предатор“.

Со изгласаните одредби употреба на нелегален софтвер одново станува кривично дело, а поседувањето и трговијата стануваат прекршоци за кои е предвидена затворска казна од една до пет години.

За забранетите софтвери во Грција, директорот на Националната служба за разузнавање (ЕИП) ќе објави јавна листа која ќе се ажурира секои шест месеци.

Лицето кое било законски следено, доколку има основани сомневања, до 2021 година можеше да побара од Службата за обезбедување приватност на комуникациите, информација за прислушувањето, нешто што беше укинато, а со новиот закон одново се дава оваа можност, но три години подоцна, односно лицето, може да биде информирано за легалното прислушување три години откако ќе заврши.

Токму оваа одредба предизвика реакции и несогласувања кај опозициските партии.

Законот предвидува и промени во работата на Националната служба за разузнавање (ЕИП), меѓу кои и дека директорот, мора да биде или дипломат или пензиониран висок офицер, наспроти досегашните одредби според кои можеше да биде лице од јавниот или приватниот сектор.

И со новиот закон, Националната служба за разузнавање (ЕИП) останува во надлежност на премиерот, нешто што беше одлучено во 2019 година, откако Нова демократија дојде на власт во Грција. (МИА)