среда, 27. декември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Грција на готовс: Бурата Ксенофон во полн замав во Грција, по неа доаѓа циклонот Зорбас

Грција на готовс: Бурата Ксенофон во полн замав во Грција, по неа доаѓа циклонот Зорбас

Грчкиот државен механизам е во состојба на готовност поради налетот на медитеранскиот циклон, соопшти генералниот секретар за цивилна заштита на Грција, Јанис Тафилис, на прес-конференција, по состанокот со надлежните служби, претставници на грчката полиција, противпожарната служба, брзата помош, Министерството за одбрана, на општините, како и на грчката метеоролошка служба.

Бурата Ксенофон создаде проблеми во Грција, со силен ветер и врнежи од дожд, а кон земјата се приближува и циклонот Зорбас, поради што училиштата и градинките во голем дел од земјата денеска се затворени.

Според податоците од метеоролошката служба на Националната опсерваторија во Атина, се очекува медитеранскиот циклон да го погоди јужниот дел на Јонско Море, а потоа да се движи кон полуостровот Пелопонез и островот Крит, но и кон други делови на Грција.

Медитеранскиот циклон е редок феномен и се појавува од еднаш до двапати годишно, а е проследен со силен ветер и силен дожд.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, од Генералниот секретаријат за цивилна заштита апелираат до граѓаните да бидат внимателни, а преку видео објавено на социјалните мрежи ги советуваат како да се заштитат од невремето.

– Кога дува силен ветер, не поминувајте под големи дрва, под закачени табли и места од кои може да паднат предмети. Избегнувајте активности на море и плажа. Ако фати силна бура додека возите, застанете на безбедно место покрај патот, далеку од дрва и вклучете трепкачи. Не поминувајте низ поплавени места и речни корита за време на врнежите од дожд. Избегнувајте области каде што имало поплави, лизгање или одрон на земјиште. Пред да тргнете информирајте се за временската прогноза и одберете безбедна маршрута, ги советуваат граѓаните од Секретаријатот за цивилна заштита на Грција, преку кусото видео.

По дводневна забрана, денеска бродовите од трите атински пристаништа нормално пловат, иако во многу делови од Егејско Море и понатаму ветерот е силен со јачина 9-10 бофори.

Грчката противпожарна служба во изминатите 24 часа добила 342 повици за помош поради невремето.