Писма во кои се цитирани изјави на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а грчката страна ги карактеризира како провокативни, испрати Грција до НАТО, ОН и високиот претставник за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел и бара осуда на конкретните ставови на Турција, јави дописничката на МИА од Атина.
Писмата, кои ги објавија грчките медиуми се до генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и до шефот на европската дипломатија потпишани од министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас, а писмото до ОН е испратено од постојаниот претставник на Грција во ОН, амбасадорката Мариа Теофили.
-(Грција), вашата окупација на островите не нè загрижува. Кога ќе дојде време, ќе го сториме она што е неопходно. Како што велиме, одеднаш, можеме да дојдеме преку ноќ, е една од изјавите на турскиот претседател цитирана во трите писма.
Атина смета дека изјавите на Ердоган се „неиспровоцирани, неприфатливи и навреда за Грција и грчкиот народ“, а „отворено заканувачката природа и тонот на изјавите е повеќе од очигледна“.
Додаваат дека билатералните односи моментално се во најлош период, но не по вина на Грција.
-Вистината е дека Грција се соочува со агресивно однесување на Турција, изразено и во теорија и во пракса, што е тешко да се најде во кој било друг случај на билатерални односи, пишува во писмата.
Од грчкото МНР во саботата соопштија дека Грција нема да ја следи тактиката на Турција, најавија дека ќе бидат информирани „сојузниците и партнерите за содржината на провокативните изјави од последните неколку дена, за да биде јасно кој ја поткопува кохезијата на алијансата во особено опасен период“ и истакнаа дека ќе продолжат да функционираат „врз основа на правилата на меѓународното право и правото на морето, како столб на стабилноста и безбедноста за поширокиот регион“