недела, 12. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Ѓукановиќ: Црна Гора повторно на крстопат – Европа или балкански национализам

Ѓукановиќ: Црна Гора повторно на крстопат – Европа или балкански национализам

Претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ последен пат ѝ се обрати на јавноста како шеф на државата – еден ден пред инаугурацијата на новиот претседател Јаков Милатовиќ.

Претседателот на Црна Гора во заминување Мило Ѓукановиќ ја одржа на Цетиње редовната годишна конференција за медиумите, со која овој пат го завршува својот претседателски мандат.

Тој последен пат на јавноста ѝ се обрати како шеф на државата – еден ден пред инаугурацијата на новиот претседател Јаков Милатовиќ.

Ѓукановиќ претходно му посака на наследникот успешна работа, по два повеќечасовни состаноци минатите денови, а пред примопредавањето на должноста.

Ѓукановиќ двапати ја вршеше должноста претседател на државата, а седум пати беше црногорски премиер.

Моите резултати никој не може да ги оспори, порача Ѓукановиќ во последниот претседателски говор.

Сѐ што е направено во минатите години, истакна тој, е легитимација на современа Црна Гора. Тој изрази надеж дека, како што кажа, сега е јасно дека секоја политичка промена не значи промена на подобро.

„Црна Гора покажа спремност за промени што кажуваат за еманципацијата на државата“, наведе Ѓукановиќ, кој е и поранешен лидер на ДПС со која повеќе од две децении владееше во Црна Гора.

Ѓукановиќ рече дека во Црна Гора е зачуван мирот и е зацврстена мултиетничката слога и дека во 90-тите години земјата била поштедена од разурнувања за време на НАТО-нападите.

„По мирен пат обновена и меѓународно признаена држава, членка на НАТО, пред влезот во Европската Унија, најразвиена економија на Западен Балкан. Реализирани се проектите тунел Созина, Луштица, ветерници… Сето тоа е легитимација на Црна Гора“, рече Ѓукановиќ и додаде дека нема намера поексплицитно да да ги сумира резултатите на власта, која, како што кажа, тој ја персонифицирал.

Тој истакна дека Црна Гора покажала спремност за промени.

„За време на југословенската воена драма избрани се мирот и стабилноста. Референдумот не беше само чин на обнова на државноста што ни беше ускратена ниту демократска свеченост. Тоа беше израз на зголемената самодоверба на граѓаните и вербата во сопствените способности. Потоа е направен пресврт кон европскиот културен круг. А тоа не беше едноставен зафат. Тоа не е работа што се завршува во мандатот на една власт, ниту може да биде завршена. Нашата земја сѐ уште е во рана фаза на процесот на еманципација, оптоварена со тешко бреме на економска заостанатост, како и со контроверзен однос на делот граѓани спрема државата“, наведе, меѓу другото, Ѓукановиќ.

Тој истакна дека на Црна Гора повеќе од сѐ ѝ е потребна стабилна, компетентна, патриотска влада, која ќе ја афирмира граѓанската држава и мултиетничката демократија и ќе го реализира членството во ЕУ.

„Вонредните избори се првата голема шанса и голема надеж, зашто Црна Гора е повторно на стратегиски крстопат, од кој е можно назад во Европа или во балканскиот национализам“, рече тој и изрази надеж дека новата влада што ќе биде избрана ќе ја преземе одговорноста и ќе создаде услови за одвивање нормален политички живот во Црна Гора.