Поранешниот министер за надворешни работи на Косово, Енвер Хоџај, изјави дека по чинот на агресија на 24 септември, приоритет на Косово е воспоставувањето безбедност пред нормализацијата на односите со Србија и определбата за членство во НАТО пред членството во ЕУ.
Хоџај, кој е актуелно потпретседател на косовското Собрание од редовите на опозициската Демократска партија на Косово (ПДК), преку статус на социјалната мрежа Фејсбук, порача дека на Косово му е потребна нова безбедносна политика, „во време кога во Србија воената опција против Косово е реална опција“.
– Формулата на Косово за заштита на суверенитетот по чинот на агресија на 24 септември е безбедноста да се стави пред нормализацијата (на односите со Србија) како приоритет и определбата за членство во НАТО пред членството во ЕУ! На Косово му треба нова безбедносна политика, поголем буџет, зголемување на бројот на членови, повисоки плати и современа опрема, во ова време кога во Србија воената опција против Косово е реална опција, напиша Хоџај.