Косовскиот вицепремиер Енвер Хоџај тврди дека во Косово моментно работите не се одвиваат како што треба и дека одговорни за тоа се и власта и опозицијата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Хоџај во интервју за „Епока е Ре“ порача дека партиите од владејачката коалиција и опозицијата треба заеднички да работат на заокружување на процесот на државотворност и комплетирање на суверенитетот на земјата.
Тој нагласи дека е последно време за постигнување политички консензус за дијалогот со Србија, додека политичката елита ја повика „да се однесува државнички одговорно“.
Според вицепремиерот и поранешен шеф на косовската дипломатија, моментално приотет треба да бидат преговорите, а не предвремените избори.
– Се додека е Косово во процес на дијалог, не треба да има избори, изјави Хоџај. (МИА)