Шефот на пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Авдулах Хоти му порача на косовскиот претседател Хашим Тачи дека „нема мандат да тргува со територијата на Косово“ и дека „секој што влегува во такви игри ќе сноси уставни и политички последици“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Хоти на својата страница на Фејсбук напиша дека косовскиот претседател нема уставен мандат да преговара за било каква корекција на границите, односно за размена на територии.
– Косово е едно и неделиво. Косовската територија не може да се изнесе на пазар. Претседателот Тачи треба да се запре. Претседателот Тачи нема уставен мандат за такви дејствија. Преговорите за територијата на Косово се противуставни и секој што влегува во такви игри ќе сноси уставни и политички последици, напиша Хоти.
Тој нагласи дека ЛДК ќе се спротивстави на секој договор постигнат без мандат од Собранието и без широка согласност од релевантните политички и граѓански фактори.
– Мораме да ги усогласиме дејствијата во Собрание за да го спречиме доведувањето во прашање на суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово ос страна на претседателот, напиша Хоти.
Реакцијата на шефот на пратеничката група на најголемата опозициска партија во Косово уследи по повторното инсистирање на Тачи за, како што ја нарекува тој, „корекција на границите“ со Србија, односно за припојување кон Косово на Прешевската Долина, за што се заложи и на политичкиот форум во австрискиот град Алпбах. Косовскиот претседател во оваа негова намера за промени на границите индиректно е поддржан и од неговиот српски колега Александа Вучиќ, кој овој процес го нарекува „разграничување со Косово“ и вели дека е „подобро Србија да добие нешто одошто ништо“.
Тачи, кому опозицијата во Косово му го оспорува мандатот за преговори со Србија бидејќи нема формална согласност од косовското Собрание, според најавите од Приштина, Белград и Брисел, ќе се сретне со Вучиќ во престолнината на Европската унија (ЕУ) на 7. септември, со цел да ја започнат финалната фаза од преговорите за постигнување договор за стабилизација на односите меѓу Косово и Србија. (МИА)