Хрватскиот државен инспекторат денеска соопшти дека досега утврдил 1.738 прекршувања на одредбите од Законот за воведување на еврото како официјална валута во Хрватска и обврската за двојно објавување на цените, како и 51 случај на продажба на одредени прехранбени производи над максимално дозволената цена на големо утврдена со одлука на Владата.
Од Хрватскиот државен инспекторат информираа дека извршиле 8.028 контроли со цел заштита на потрошувачите и работниците и правилно информирање на потрошувачите за цените на производите и услугите во куни и евра.
– Од вкупниот број извршени инспекциски надзори, пазарната и туристичката инспекција на Државниот инспекторат извршила 6.943 инспекциски контроли. Туристичките и пазарните инспектори констатирале вкупно 1.738 прекршувања на одредбите од Законот, посочуваат од Државниот инспекторат
Одделно, Пазарната инспекција утврдила 51 случај на продажба на одредени прехранбени производи над максималната дозволена големопродажна цена утврдена со одлука на Владата.
од Хрватскиот државен инспекторат потсетуваат дека одлуката за директни мерки за контрола на цените на одредени прехранбени производи стапи во сила на 10 септември 2022 година и со неа се утврдува највисокото ниво на малопродажни цени на одредени прехранбени производи со цел да се спречат негативните ефекти од промените на одредени цени на територијата на Хрватска.
Досега, како што наведуваат, издадени се вкупно 30 прекршочни пријави и поднесени пет обвинителни предлози.