Очекувам Хрватска на 8 декември да добие конечна потврда за влез во Шенгенскиот простор, бидејќи австриската загриженост не е поврзана со која било држава туку со севкупното функционирање, изјави денеска хрватскиот потпретседател на Владата и министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ.
Во изминатите денови австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер се спротивстави на проширувањето на Шенгенската зона за која рече дека не функционира, „што се гледа по зголемениот број баратели на азил“.
– Австрија во последниве денови постојано изјавува дека нивната грижа не е поврзана со ниту една поединечна земја, туку со функционирањето на Шенген. Нашиот аргумент во овој контекст е дека Шенген може да се зајакне само со Хрватска како членка, изјави Божиновиќ.
Австрискиот канцелар Карл Нехамер утре ќе ја посети Хрватска.
Божиновиќ најави дека една од темите на неговите разговори ќе биде зголемениот број миграции од западно-балканската рута, но и претстојната седница на Советот за правда и внатрешни работи, кој на 8 декември ќе ја донесе конечната одлука за влез на Хрватска во Шенген, за што официјален Загреб веќе има поддршка од Европската унија, Комисијата и Европскиот парламент. (МИА)