Лидерот на Партијата за правда, интеграција и единство Шпетим Идризи, позната како партија на Чамите, побара од албанскиот премиер Еди Рама да реагира на изјавата на грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, во која ја предупреди Албанија да заборави на Чамите доколку сака грчка поддршка за нејзина евроинтеграција.
Павлопулос од Албанија уште побара да ја прифати „историската вистина на криминалното минато на Чамите, како соработници на нацизмот“.
За Идризи изјавата на шефот на грчката држава е неприфатлива, антиисториска и заканувачка за евроинтеграција на Албанија.
– Павлопулос намерно заборава дека во 1944/45 година варварски се убиени 2.771 цивили, мажи, жени, деца од Чамарија. Заборава дека ограбија и запалија 5.800 домови и 68 села, во тоа време на невиден масакр врз Чамите. Никогаш не покажаа документ или фотографија на кои би била прикажана формација на Албанци од Чамарија со нацисти. Немаат никаков доказ дека Чамите сами се убивале, палеле и маскарирале, туку вистината е непобитна дека тие се жртви на добро организиран геноцид, изјави Идризи.
Тој очекува официјална реакција на премиерот Еди Рама и шефот на дипломатијата Дитмир Бушати, кои, според него, се однесуваат како да не гледаат и не слушаат вакви неприфатливи, антиисториски и заканувачки изјави за евроинтеграција на Албанија.
– Вжештените глави во Атина и идиотите во Тирана, еднаш засекогаш треба да заборават дека патот на Албанија кон ЕУ минува преку Грција. Нашиот пат кон семејството со европски вредности минува преку Брисел, Берлин, Рим, Париз и Вашингтон, порача Идризи.
Тој потсети дека во 1945 година повеќе од 35.000 етнички Албанци биле насилно протерани од нивните огништа во Чамарија и оти имотите кои се проценуваат на милиони долари им се неправедно одземени. (МИА)