Во моментов нема непосредна опасност во снабдувањето со природен гас, порача портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.
Тој додаде дека со разработка на сите сценарија кои повремено ги спроведуваат надлежните органи, постои оптимизам дека Грција нема да се соочи со опасности во однос на снабдување со природен гас.
Министерот за животна средина и енергија на Грција, Костас Скрекас во интервју за грчката телевизија „ЕРТ“ објасни дека Владата има национален план и конкретни мерки во случај целосно да се прекине протокот на природен гас од Русија.
Скрекас објасни дека за замена на природниот гас што околу 40-50 отсто доаѓа од Русија, постои можност за пренесување на течен природен гас (ЛНГ) во терминалот на островот Ревитуса за рекордно време истовремено со два брода, но и дека дополнителен течен природен гас би можел да дојде преку гасоводот ТАП, но во спротивна насока од Италија кон Грција. (МИА)