Уште една пријава доставена до Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција (СПАК) против поранешниот претседател Илир Мета и неговата сопруга Моника Круемади.
Пријавата ја поднесе адвокатот Идајет Беќири, кој бара истрага против Мета за „прикривање приходи“ и „активна корупција на високи државни функционери или локални избраници“.
Беќири вели дека како адвокат, но и како лидер на Партијата за национално единство, дал податоци кои отвораат „основани сомневања дека Илир Мета и Моника Круемади ги извршиле кривичните дела наведени во извештајот подготвен од него“ во кој има фактите и документите што ги поседува за Мета и Круемади.
Тој тврди дека Мета, Круемади и нивните деца извршиле естетски третмани во приватна клиника во Сан Марино, а за тоа платиле 287.650 евра преку анонимна сметка од офшор банка на Кипар. Трансферот на парите бил извршен на 4 јуни 2018 година, но не е пријавен во нивните годишни извештаи, што значи дека тие плаќале со пари профитирани од коруптивни афери, кои незаконски ги внесувале во банката, посочува адвокатот.
Во месец јуни, Мета заедно со Кримади првпат беа пријавени во СПАК од поранешниот пратеник Халит Валтери под сомнение дека поранешниот шеф на државата перел пари, вршел корупција и ја злоупотребил функцијата.
СПАК против Мета веќе води истрага за нелегално лобирање од 700.000 евра, во време кога беше претседател на Парламентот и лидер на Движењето за социјалистичка интеграција, за да обезбеди фотографирање на инаугурацијата на Доналд Трамп за претседател на САД. (МИА)