вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Инциденти на грчкиот остров Лезбос на неколку дена пред посетата на Ципрас

Инциденти на грчкиот остров Лезбос на неколку дена пред посетата на Ципрас

Од за сега непознати причини, доцна синоќа се случиле инциденти меѓу бегалци и мигранти во прифатниот центар Мориа на грчкиот остров Лезбос.

Информативниот портал од островот, „Лезбос њуз“, пишува дека инцидентите се прошириле и вон кампот, а според непотврдени информации, неколку лица биле повредени и пренесени во болница.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, според последните официјални податоци од грчката влада во прифатниот центар Мориа со капацитет од 3000 лица, сместени се 6885 бегалци и мигранти.

Синоќешните инциденти се случија неколку дена пред посетата на Лезбос на грчкиот премиер.

Според локалните медиуми, Алексис Ципрас, се очекува в среда или в четврток да биде на островот за Регионалната конференција на владата.

Меѓутоа, жителите нема да му приредат топол пречек. Планирани се активности и протести и поради ситуацијата со бегалците и мигрантите, но и поради укинувањето на намаленото ДДВ на островот. Засега, не е познато дали грчкиот премиер ќе го посети и бегалскиот камп Мориа, што е еден од најпроблематичните прифатни центри во Грција и поради пренатрупаноста и поради честите инциденти меѓу бегалците и мигрантите.

МИА