Сакаат да живеат до 103 години, но сметаат дека ќе живеат до 82-годишна возраст, а идеално би било да се пензионираат на 61 година, покажуваат резултатите од истражувањето во Грција спроведено од групацијата НН, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што пренесуваат грчките медиуми, еден од двајца Грци смета дека идеалната возраст до која би сакал да живее е 103 години.
Поконкретно, од истражувањето на осигурителната компанија, произлегува дека 69 отсто од Грците со нетрпение очекуваат да можат да живеат подолго, а 50 проценти веруваат дека се подготвени да живеат подолго.
Според анкетираните клучните параметри за подобрување на долговечноста се: моќта на промените, менталната благосостојба, социјалните врски и доживотното учење.
Од друга страна здравјето и благосостојбата, парите и финансиската безбедност; моќта на прилагодување во текот на животот, поставената цел во животот и пензионирањето се главните пет фактори за Грците, одговарајќи на прашањето дали се подготвени за долг живот.
Во истражувањето на меѓународната компанија биле вклучени 11.585 лица, од кои 1.284 Грци.