По бурните реакции во Србија на одлуката на црногорските власто за неотварање на границата со Србија и најавите на српскиот државен врв дека нема да воведе реципрочни мерки, денес Директоратот на цивилното воздухпловство на Србија го суспендираше правото на црногорската националан авиокомпанија „Монтенегро ерлајнс“ да слетува на белградскиот аеродром Никола Тесла, јави дописникот на МИА од Белград.
И додека од Подгорица порачуваат дека нема основ за реципроцитет кон Србија, српскиот шеф на дипломатијата, Ивица Дачиќ, изјави дека забраната за Монтенегро ерлајнс не е политичка одлука.
-Ова нема никаква врска со политичка одлука. Ако нашата авиокомпанија не може да лета таму, секако треба да се воведат реципрочни мерки, изјави Дачиќ на ТВ Прва, додавајќи дека реципрочни мерки би биле доколку Србија им го забрани влезот на црногорските државјани.
Тој оцени дека би сакал ваквата ситуација да остане со црногорската граница – „за да нашиот народ малку се опамети“.
Дачиќ изјави дека Србија не е заинтересирана за хегемонија над Црна Гора и дека тоа не е дел од размислувањето на Србија.
-Црна Гора си дава преголемо историско значење …Никој овдека не легнува и не се буди со прашањето зошто Црна Гора си замина. Основно прашање е дали Србите и Црногорците ќе соработуваат или ќе се конфликтираат, кажа Дачиќ, која порача дека однесувањето на Црна Гора доведува до конфликти.
Коментирајќи ја одлуката Црна Гора да отвори граници за одредени земји, не вклучувајќи ја и Србија, Дачиќ кажа дека годинава таму ќе има помалку туристи од Србија, а на прашањето дали е негова препорака да се оди во Црна Гора и дали е безбедно, Дачиќ кажа дека засега нема такви оценки.
Говорејќи за односите меѓу Србија и Црна Гора, министерот за трговија, туризам и телекомуникации, Расим Љајиќ, изјави за РТС дека сите ќе имаат штета ако се влезат во спиралата на контрамерки.
-Ако остане одлуката дека граѓаните на Србија не можат да летуваат таму, тоа ќе биде на штета на сите, кажа Љајиќ
Тој кажа дека црногорскиот амбасадор изјавил дека одлуката не е конечна и оти се надева дека од 1 јуни граѓаните на Србија ќе можат да патуваат во Црна Гора, исто како што Србија ги отвори границите за сите патници.
-Треба да се вратиме на полето на економијата и интересот. Имаме интерес за најдобри можни односи, оцени Љајиќ.
Тој порача дека сите треба да ја спуштат топката и да влезат во процесот на договарање и решавање на сите отворени прашања.
-Во интерес на сите е авионите да летаат и патниците и стоките да одат во двата правци, кажа тој.