Косовските опозициски партии најавија дека заеднички ќе организираат протести, со цел да го спречат претседателот Хашим Тачи да го води дијалогот со Србија и на преговарачка маса да го постави прашањето за промена на границите, јави дописникот на МИА од Приштина.
Движењето Самоопределување (ВВ) и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) објавија дека се согласни заеднички да дејствуваат во Собранието за формирање на преговарачки тим, кој ќе го добие легитимитетот на законодавниот дом.
ЛДК, која е најголема опозициска партија, ги гледа и протестите како опција за да се спречат настојувањата на Тачи за корекција на границата, како и за водење на дијалогот со Белград.
Третата најголема опозициска партија, Социјалдемократската партија на Косово (ПСД), и покрај тоа што не ја доби поддршката на ВВ и ЛДК за вонредна собраниска седница за дијалогот, најави дека ќе ги поддржи протестите.
Последниве недели косовскиот претседател интензивно ја промовира идејата за корекција на границата со Србија, со тоа што, според неговата замисла, на Косово би се припоила Прешевската Долина, но на Србија не би и се дало никаков дел од косовската територии.
На овие најави на Тачи се спротивставија сите релевантни домашни и меѓународни фактори, а последна беше германската канцеларка Ангела Меркел, која вчера децидно изјави дека никакви промени на границите на Балканот не доаѓаат предвид. (МИА)