Група косовски Албанци го блокираа денеска во Ѓаковица пристапот до манастирот „Пресвета Богородица“, иако српските верници ја откажаа најавената посета поради закани и безбедносната ситуација, напиша отецот Сава Јањиќ на својот Фејсбук профил.
Четири монахињи останале заклучени во манастирот, литургија не била служена, ниту можел некој да донесе бадникови гранчиња.
– Наводните мирни протести се само продолжување на етничкото чистење на Ѓаковица од Срби, кое се случува по 1999 година, со уништување на српските цркви и куќи, наведува Јањиќ.
Тој тврди дека „Србите долги години се соочуваат со негирање на основните верски и човекови права, а овој пример покажува дека христијаните во Косово не можат да го прослават слободно ниту Божиќ“.
– Ќе видиме дали меѓународните претставници во меѓувреме ќе успеат да ја гарантираат безбедноста, истакнува Јањиќ, потсетувајќи дека манастирот бил запален и изгорел до темел во 2004 година.