Економијата, иднината на земјата, но и мигрантското прашање, особено по последната несреќа кај Пелопонез со 78 загинати и стотици исчезнати мигранти, се во фокусот на лидерите на политичките партии во Грција во нивните предизборни активности, но и во меѓусебните препукувања во пресрет на изборите в недела, јави дописничката на МИА од Атина.
Предизборната кампања ќе кулминира во следните денови со централни митинзи во Атина, додека пак претседателите на Нова демократија и СИРИЗА Кирјакос Мицотакис и Алексис Ципрас вчера одржаа прес конференции.
Мицотакис уште еднаш повтори дека на земјата ѝ е потребна стабилна, еднопартиска Влада и изрази убеденост дека Нова демократија ќе го постигне тоа по 25 јуни, додека пак за мигрантското прашање посочи дека станува збор за сложен проблем за кој тие како Влада спровеле конкретна политика која резултирала со помалку загубени животи во море за разлика од периодот 2015-2019 година.
Лидерот на СИРИЗА на прес конференцијата истакна дека за несреќата со мигрантите поставуваат прашања и бараат одговори за причините и околностите затоа што за нив не постои разлика дали бродот пренесувал туристи, грчки државјани или бегалци бидејќи станува збор за човечки животи.
Во однос на изборите, говорејќи синоќа во атинска населба Ципрас порача дека в недела гласот за СИРИЗА значи и спречување на „орбанизација политичкиот живот во Грција“.
Централните митинзи во Атина на лидерите на партиите ќе се одржат во следните денови, односно претседателот на ПАСОК – Движење на промена Никос Андрулакис ќе говори в среда, лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас в четврток, а ден подоцна, на последниот ден од предизборната кампања, во грчката метропола ќе одржи собир Нова демократија на кој ќе се обрати претседателот на партијата Кирјакос Мицотакис.
Поради несреќата со мигрантите и прогласената тридневна жалост беше откажана ТВ дебатата на лидерите на партитиите планирана за минатиот четврток, а веројатно е дека воопшто нема да се одржи.
На минатите избори на 21 мај кога ниту една партија не успеа да формира Влада, Нова демократија победи со над 20 отсто разлика пред опозициската СИРИЗА.