вторник, 16. јануари 2024. Вести денес: 0
home Регион

Курти на средба со западните дипломати во Приштина пред средбата со Вучиќ во Брисел

Курти на средба со западните дипломати во Приштина пред средбата со Вучиќ во Брисел

Косовскиот премиер, Албин Курти и вицепремиерот задолжен за евроинтеграции и главен преговарач во дијалогот со Србија, Бесник Бислими, се сретнаа попладнево со шефот на канцеларијата на ЕУ во Приштина, Томас Шиноги и со амбасадорите на таканаречената „Квинта“, односно петте највлијателни западни држави кои имаат дипломатски претставништва во Косово – САД, Велика Британија, Германија, Италија и Франција, јави дописникот на МИА од Приштина.

Веста ја објави канцеларијата за односи со јавноста на косовската Влада, напоменувајќи дека средбата се одржала во пресрет на заминувањето на Курти во Брисел, каде што в четврток, на 18 август, ќе се сретне со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

-Во пресрет на средбите во Брисел, премиерот на Република Косово, Албин Курти, заедно со вицепремиерот, Бесник Бислими, се сретнаа со специјалниот претставник на Европската Унија во Косово и со амбасадорите на државите на Квинта, се вели во соопштението.

На средбата, соопшти прес службата на Владата во Приштина, е нагласена „посветеноста на соработката и координацијата меѓу“ косовската Влада и претставниците на ЕУ и на петте западни држави. Се разговарало и за идните средби во Брисел со посредство на ЕУ и „за процесите и прашањата поврзани со дијалогот меѓу Република Косово и Србија“.  (МИА)