петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Лајчак: Дојдовме со план – во Приштина го дискутиравме со Курти, ќе разговараме и со Вучиќ

Лајчак: Дојдовме со план – во Приштина го дискутиравме со Курти, ќе разговараме и со Вучиќ

Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, кој ја предводи петчлената европско-американска делегација која допатува претпладнево во Приштина, потврди дека во Косово дошле со план и дека за истото разговарале и со премиерот Албин Курти, јави дописникот на МИА од Приштина.

Лајчак рече дека за тој план во Србија ќе се разговара и со претседателот Александар Вучиќ, меѓутоа рече дека повеќе детали не може да се соопштат.

Словачкиот дипломат изјави дека дијалогот нема алтернатива и нагласи дека нападот што на 24 септември го изведе српска вооружена група во Бањска, во северно Косово, многу ги променил работите.

– Секогаш имаме план, имавме план, разговаравме за нашиот план со господинот Курти. Ќе разговараме за тоа со господинот Вучиќ. Нема да навлегуваме во повеќе детали. Дијалогот нема алтернатива. Нападот во Бањска промени многу работи. И јас бев многу јасен дека сторителите мора да се соочат со последиците. Дијалогот мора да продолжи, изјави Лајчак.

Нападот на 24 септември во Бањска, каде што беше убиен наредникот Африм Буњаку, според европскиот емисар, докажа дека нормализацијата и деескалацијата се повеќе од итни, а на лидерите на двете држави им порача дека условите и одложувањата за нормализација се неприфатливи.

– Внимателно го ислушавме Курти и неговата загриженост за безбедноста на Косово. Терористичкиот напад врз косовската полиција од вооружени лица претставува преседан. Го осудивме нападот од 24 септември. Јасно кажавме дека виновниците ќе бидат изведени пред лицето на правдата и очекуваме целосна соработка на Србија по ова прашање. Нападот покажа дека нормализацијата и проширувањето се поитни од кога било. Условувањата и одложувањата се неприфатливи и очекуваме Косово и Србија да се придржуваат до обврските од дијалогот. Нападот не го менува фактот дека Косово и Србија постигнаа договор претходно оваа година, додаде Лајчак.

Тој рече дека нападот во Бањска, каде покрај припадникот на косовската полиција загинаа и тројца од напаѓачите, го истражуваат ЕУ и НАТО.

– Процесот е во тек. ЕУ и НАТО ги истражуваат фактите. За резултатите ќе бидете информирани, рече тој.

Специјалниот пратеник, придружуван од пратеникот на американскиот претседател Џо Бајден за Западен Балкан, Габриел Ескобар и високите советници на лидерите на Германија, Франција и Италија, допатуваа претпладнево во Приштина.

Дипломатите во Приштина се сретнаа со косовскиот премиер, Албин Курти, по што отпатуваа за Белград, каде што ќе се сретнат со претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Средбата на Вучиќ со петорката, според официјален Белград, е закажана за 14 часот.

Како што е официјално најавено, цел на посетата е да се постигне конкретен напредок во имплементацијата на Договорот на патот кон нормализација на односите меѓу двете држави и деескалација на состојбата по последните случувања во северно Косово.

Покрај Лајчак и Ескобар, делегацијата ја сочинуваат уште Емануел Боне, советник за безбедност и надворешна политика на францускиот претседател Емануел Макрон, Јенс Плотнер, советник на германскиот канцелар Олаф Шолц и Франческо Таљо, советник на италијанската премиерка Џорџа Мелони.