Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак и заменикот помошник државен секретар на САД и специјален пратеник на претседателот Џо Бајден за Балканот, Габриел Ескобар, побараа од косовскиот премиер Албин Курти да преземе конкретни чекори за смирување на состојбата во северно Косово, каде што повеќе од десет дена продолжуваат протестите на локалните Срби против новоизбраните градоначалници Албанци.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Лајчак и Ескобар на синоќешната средба во владата на Косово пред Курти изнеле три барања кои треба да ги исполни со цел да се излезе од тензичната ситуација во која се наоѓа земјата.
– Прво е смирување на состојбата, второ се брзи избори на северот и трето е враќање на дијалогот за нормализација, изјави Лајчак пред новинарите по средбата со Курти, додавајќи дека неговата мисија, заедно со америкаснкиот дипломат, „тукушто започна“.
Посредникот на ЕУ рече дека синоќешната дискусија со косовскиот премиер била „долга и напорна“.
Американскиот емисар, Ескобар изјави дека во Косово дошол „како голем поддржувач на косовската држава“ и додаде дека главно барање кое му е синоќа изнесено на Курти е да ја послуша меѓународната заедница.
– Има големо трансатлантско единство, меѓу САД, ЕУ и НАТО, кои ги изнесуваат истите барања. Се надевам дека ќе бидеме послушани. Една работа сакам да кажам: дојден сум како голем поддржувач на Косово. Ние сме најголемите поддржувачи на вашата безбедност, независност, суверенитет и територијален интегритет. Бараме само да бидеме послушани, изјави Ескобар.
Европскиот и американскиот дипломат најавија дека ќе ја продолжат посредничката мисија и во текот на денешниот ден. За претпладне е најавена средба со косовската претседателка, Вјоса Османи, а подоцна ќе отпатуваат за Белград, каде што, меѓу другото, се очекува да се сретнат со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.