Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ќе престојува денеска и утре во официјална посета на Босна и Херцеговина.
Шефот на руската дипломатија во вторник ќе отпатува за Белград.
За време на неговиот престој во Босна и Херцеговина, тој треба да се состане со претставници на Претседателството на БиХ, министерката за надворешни работи Бисера Турковиќ и треба да се одржи посебна средба со претседавачот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик во источно Сараево.
Лавров требаше да ја посети Босна и Херцеговина во октомври, но поради задолжителна самоизолација, тој ја одложи својата посета откако стапи во контакт со лице заразено со Ковид-19.
Тогаш беше најавено дека ќе се сретне и со заменик претседавачот со Домот на народите на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, Драган Човиќ и заменик претседателот на Претставничкиот дом на парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто.
По БиХ, Лавров ќе го посети Белград на 15 декември, каде ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ. За време на посетата, рускиот министер за надворешни работи ќе се сретне и со неговиот српски колега Никола Селаковиќ.И оваа посета беше планирана и за крајот на октомври, но беше одложена поради изолацијата на Лавров.