Американската компанија „Мајкрософт“ ќе изгради дата центар во Грција, што воедно ќе биде прв во земјата, но и во поширокиот регион, а инвестицискиот план, денеска го презентираа претседателот на „Мајкрософт“ Бред Смит и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Планирана е изградба на три единици за складирање на податоци, инвестиција што долгорочно може да достигне и до над една милијарда евра.
Грчкиот премиер истакна дека „Грција го има сонцето, а сега добива и свој cloud“, објасни дека инвестицијата не е наменета само за грчкиот пазар, туку и за земјите од поширокиот регион, а „податоците во Грција, ќе се чуваат безбедно и по пониска цена“
-Аналитичарите говорат за вкупен економски профит, што долгорочно, може да надмине една милијарда врз основа на искуството од другите земји. Но, оваа добивка се зголемува ако се додадете модернизацијата и конкурентноста што оваа инвестиција ќе им ја донесе на другите компании, не само на големите, туку на малите и средни компании кои ја откриваат значајната додатна вредност што дигиталните услуги можат да им ја понудат, истакна Мицотакис
Претседателот на „Мајкрософт“ рече дека станува збор за огромна инвестиција, „бидејќи инвестицијата во капитал за секој нов центар на податоци достигнува до стотици милиони долари“.
-Денеска соопштуваме нешто што всушност е најголема инвестиција на „Мајкрософт“ во 28-те години колку што е присутна во Грција. Ова ја покажува нашата доверба во грчката економија во грчкиот народ и во грчката Влада, рече претседателот на Мајкрософт Бред Смит на денешната презентација.
Центарот за податоци ќе биде прв во поширокиот регион на Југоисточна Европа, а вакви центри, „Мајкрософт“ има во Германија, Франција, Холандија и Ирска, а во процес на изградба се во уште три европски земји – Полска, Италија и Шпанија. (МИА)