Грција и ова лето ги очекува посетителите од балканските земји, кои секоја година ни прават чест, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на квадрилатералната средба со неговите колеги од Бугарија и Романија и претседателот на Србија, јави дописничката на МИА од Атина.
Предмет на разговорите, како што информираат од кабинетот на Мицотакис, била размената на искуства во справувањето со коронавирусот, акцентот бил ставен на укинувањето на рестриктивните мерки со што ќе се олесни продолжувањето на патувањето на бизнисмените, работниците и туристите, а станало збор и за предусловите за нормализирање на прекуграничниот туризам и транспорт, кои се клучни фактори за економско закрепнување на земјите од регионот.
Од грчка страна, на видеоконференцијата , освен грчкиот премиер, присуствувале и министрите за надворешни работи, за здравство, туризам, заменик-министерот за цивилна заштита, како и шефот на експертскиот тим епидемиолози во Министерството за здравство на Грција.