петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Мицотакис: Нашата економска политика испраќа порака на доверба, реализам и воздржан оптимизам

Мицотакис: Нашата економска политика испраќа порака на доверба, реализам и воздржан оптимизам

Нашата економска политика испраќа порака на доверба и реализам, но и порака на воздржан оптимизам. Оваа година буџетот одговара на трите главни национални барања во моментот, им служи и на стабилноста, на конзистентноста и на континуитетот, а пред сè, на нашата заложба пред грчкиот народ да се бориме цврсто за изградба на модерна држава која чекори напред и цели високо, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на денешната владина седница, јави дописничката на МИА од Атина.

Говорејќи за буџетот за 2023 година, што е веќе доставен во Парламентот, а следниот месец ќе се одржи расправата и гласањето, Мицотакис истакна дека буџетот, во пракса докажува дека „другата страна на економската политика е социјалната грижа“.

-Предвидуваме раст многу поголем од европскиот просек за 2023 година, можеби тројно поголем. Рекорди, продолжуваат да бележат и извозот и големите проекти, намалувајќи ја невработеноста, чие вкупно намалување сега надмина пет единици. Вработени се над 4.100.000 наши сограѓани. Успеавме да ги намалиме даноците, но во исто време да го зголемиме нашето јавно богатство, рече Мицотакис.

Потсети дека за мај е планирано е ново зголемување на минималната плата, трето по ред, како и зголемување на пензиите од почетокот на 2023 година кое се однесува на 2.499.258 пензионери.

За справувањето со последиците од енергетската криза рече дека ќе продолжат со субвенциите за сметките за струја и природен гас за што се предвидени осум милијарди евра, но имаат и резерва од една милијарда „во случај да треба да се покријат други итни случаи“.

-За двегодишниот период 2022-2023 година предвидуваме трошоци за одбраната од речиси шест милијарди евра. Многупати имаме кажано, нема напредок во земјата  без безбедност, ниту пак просперитет без национална независност и одбрана на националниот суверенитет, истакна Мицотакис.

Дополнително рече да ја очекуваат, можеби уште денеска, одлуката за исплата на втората транша од околу 3,5 милијарди евра од европскиот Фонд за закрепнување. (МИА)