Многу наши сонародници имаат право да гласаат ако фатат авион, а ние немаме право да им забраниме да гласаат од нивното постојано место на живеење, вели грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, во видеото објавено на социјалните мрежи во однос на гласањето на Грците кои живеат во странство.
Во кусото видео што трае помалку од една минута, Мицотакис на неговиот мобилен телефон ги гледа видео пораките од млади Грци кои живеат во САД, Велика Британија, Австралија, Германија, Белгија, Кипар кои објаснуваат дека од различни причини не успеале да дојдат во Грција да гласаат и додаваат дека за нив е важна можноста правото на глас да го остварат од местото на нивниот престој, jави дописничката на МИА од Атина.
-Овие наши сонародници имаат право да гласаат ако фатат авион, а ние немаме право да им забраниме да гласаат од нивното постојано место на живеење. Ајде да ја исправиме оваа неправда. Ајде конечно, она што се подразбира да го спроведеме во пракса, вели Мицотакис на крајот од видеото откако ги виде пораките од младите.
Во текот на вчерашниот ден грчкиот премиер оствари одделни средби со лидерите на сите политички партии што се дел од Парламентот за можноста за гласање на Грците кои живеат во странство, а од неговиот кабинет соопштуваат дека за време на разговорите биле изразени различни мислења, но дека постои простор за поклопување на ставовите и изнаоѓање заемно прифатливо решение.
-Основен предуслов за изнаоѓање заедничка основа зе владата е прифаќање на уставниот принцип на еднаквост на гласовите, што значи дека гласот на Грците кои живеат во странство се пресметува во вкупниот изборен резултат, без поделби на граѓаните од прва и втора категорија. Процесот на остварување на ова право, како и за тоа како се избираат претставниците на гласачите вон државата се прашања што се предмет на консултации, соопштуваат од кабинетот на грчкиот премиер.
Министерството за внатрешни работи на Грција во период од еден месец ќе дискутира со претставниците на партиите за потоа да може во Парламентот да стигне законот што би бил изгласан од најголемо можно мнозинство.
-На Грците кои живеат во странство мора да им се помогне да го остварат своето основно уставно право, како што е случај во сите европски земји. Оваа шанса не треба да биде изгубена, пишува во соопштението од грчката влада.
За законот да може да стапи на сила на следните избори, потребно е да добие двотретинско мнозинство во Парламентот, односно поддршка од 200 пратеници,
па затоа Мицотакис разговараше со лидерите на партиите за постигнување консензус.