Претседателот на Бугарија Румен Радев го прими премиерот на Република Грција Киријакос Мицотакис, кој е во работна посета на Софија.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според претседателот Радев, посетата на грчкиот премиер толку брзо по формирањето на редовната влада на Бугарија е јасен знак за пријателски и отворени односи меѓу двете земји. Радев рече и дека Грција и Бугарија се доказ дека во нашиот регион, полн со историја и предизвици, може да има односи на стратешко партнерство, отворен дијалог и европска соработка меѓу соседите. Радев изрази надеж дека разговорите на грчкиот премиер со новата бугарска влада ќе дадат силен поттик за развој на односите меѓу двете соседни земји и ќе доведат до реализација на важни заеднички проекти кои се значајни за целиот регион.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис му се заблагодари на бугарскиот претседател Румен Радев за убавите зборови и му пренесе поздрави од грчката претседателка, велејќи дека таа сака што поскоро да ја посети Бугарија.
Мицотакис ја изрази својата радост што е првиот европски шеф на влада што ја посетил Бугарија по изборите и формирањето на новата бугарска влада. Тој ја истакна клучната важност на политичката стабилност и увери дека Грција е за натамошно продлабочување на билатералната соработка меѓу Атина и Софија