Со масовно учество на илјадници граѓани на различна возраст, мирно и без никакви проблеми, но под силно полициско обезбедување со традиционален протестен марш до Американската амбасада во Атина, беше одбележана 49-годишнината од студентскиот бунт против хунтата во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
На протестот од Политехничкиот факултет, односно од местото каде што започна бунтот во 1973 година, до Амбасадата учествуваа и студентски здруженија, претставници на грчките опозициски партии, синдикати, здруженија на вонпарламентарната левица и други.
За безбедноста во Атина беа ангажирани над 5.500 полицајци, дронови и хеликоптер, полицајци во цивил, како и цистерни со топови вода.
Протести се одржаа и во други грчки градови, а во Солун и Патра имаше инциденти меѓу групи маскирани лица и полицијата.