петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Мицотакис изрази загриженост за можноста за вооружена копнена инвазија на Газа

Мицотакис изрази загриженост за можноста за вооружена копнена инвазија на Газа

Ќе ви кажам сосема искрено, многу сум загрижен за изгледите за вооружена копнена инвазија на Газа. Многу се плашам дека оние кои можеби го поттикнаа или стојат зад овој терористички напад во Израел, се стремат токму кон тоа, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за телевизијата Антена, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис додаде дека многу е важно, „и тоа го вели земја која е сојузник на Израел, но во исто време и многу искрен соговорник со сите важни играчи во нашето пошироко соседство, во овој момент да преовладува и логиката и воздржаноста“, додавајќи дека „одмаздата не им одговара на организираните држави“.

Во однос на тоа кој ја сноси вината за нападот врз болницата во Газа, грчкиот премиер објасни дека во овој момент е непознато, бидејќи „постојат ставови и аргументи и од двете страни“ и тој лично нема да избрзува со заклучок и осуда за едната и другата страна.

-Сакам да истакнам дека тоа е и официјалниот став на Европската Унија. Но, разбирам дека во овој момент, кога ситуацијата во регионот на Израел е толку напната многу, многу е лесно да се создадат впечатоци многу брзо од едната и од другата страни. Бидејќи, да немаме сомнеж, овде се води и пропагандна војна од двете страни, истакна Мицотакис.

Додаде дека „имаше брутален терористички напад, каков што досега не сме виделе на Блискиот Исток“.

-Ние од првиот момент го одбранивме правото на Израел на самоодбрана, но во исто време го разграничивме терористичката Хамас од палестинскиот народ и се боревме и се бориме за да спречиме хуманитарна криза во Појасот Газа, посочи грчкиот премиер.

Паралелно истакна дека она што е потребно е хуманитарна помош и колку што е изводливо, заштита на цивилите заробени во воената зона.

За ставот дека Грција го поддржува правото на Израел на самоодбрана, грчкиот премиер објасни дека тоа треба да биде во рамките на меѓународното право, бидејќи „Израел е единствената демократија во регионот и очигледно реакцијата не може да биде иста како онаа на терористичката организација“.