На грчкиот остров Хиос и оваа година, Христовото воскресение ќе биде одбележано со традиционалната „војна со ракети“. Станува збор за еден од најкарактеристичните и најневообичаените велигденски обичаи во Грција.
Во селото Вронтадос, два табори, од две различни цркви, на оддалеченост од 400 метри, со рачно изработени ракети од пиротехнички материјал меѓусебно „војуваат“ кој повеќепати ќе го погоди црковното ѕвоно на црквата од противничкиот „тим“.
„Војната“ се води меѓу двете цркви Агиос Маркос и Панагија Еритианис. Околните куќи уште од вчера се заштитени од евентуални штети, а оваа година, планирано е да се испукаат 10 илјади ракети, број што е помал во споредба со претходните години.
Учесниците во „војната“ со месеци се подготвуваат за денешниот ден кога небото над селото ќе биде целосно осветлено од огнометот.
Рачно изработените ракети се поставуваат на дрвени основи, а со свиреж се означува почетокот на„војната“. По час и половина следува пауза, а штом од црквите и верниците се чуе „Христос Воскресе“, ракетите повторно се упатуваат кон противничкиот табор.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, пред 2 години, за прв пат по Втората светска војна не се одржа „натпреварот“ поради реакциите на граѓаните од островот кога виделе дека бројот на ракетите бил над 100 000. Сепак многумина ја сметаат „војната со ракети“ нераскинлив дел од традицијата на островот.