Грчкиот заменик министер за цивилна заштита Никос Хардаљас изјави дека во изминатото деноноќие избувнале 41 нов пожар во Грција, уништени се десетици домови и автомобили, оштетени се стотици хектари шума и земјоделско земјиште.
– Од синоќа во Грција избувнаа 41 нов пожар. Ситуацијата на местото на големиот пожар во северното атинско предградие Варибоби е значително подобрена, но пожарникарите продолжуваат да работат на локализирање на огнот. Остануваат одделни пожари, но без сериозни проблеми, истакна Хардаљас.
Според првичните проценки, како што наведе грчкиот заменик министер, 1.250 хектари шума и земјоделско земјиште се уништени од пожарот во Варибоби, 76 станбени и 27 деловни објекти се сериозно оштетени, а 18 се делумно. Целосно се изгорени 82 автомобила, а 64 возила се оштетени.
Според него, во текот на ноќта биле извршени 71 операција за спасување и евакуација на луѓе од опасната зона, а на вкупно 182 лица им била пружена помош.
Хардаљас рече дека 538 луѓе во зоната на огнената стихија одлучиле да ја искористат можноста бесплатно да престојуваат во хотели на сметка на државата.
– Наш апсолутен приоритет е човечкиот живот, човечкиот живот е над сe друго, нагласи Хардаљас.
Тој потврди дека зајакнати единици на пожарникари и дополнителни противпожарни авиони биле испратени на островот Евија, каде повторно избил силен шумски пожар. Претходно, градоначалникот на градот Мантуди на островот Евија, Јоргос Цапурниотис, за ТВ Скај изјави дека огромен пожар беснее на островот на 12-13 километри. Според него, пожарот веќе зафатил неколку населени места, повеќе од 2.000 хектари шума и земјоделско земјиште, десетици домови и автомобили се оштетени, а 12 населени места се евакуирани.
Во текот на минатата недела, Грција беше зафатена од екстремни горештини. Температурите во многу области достигнуваат од 44 до 47 степени Целзиусови под сенка и овој период, според метеоролозите, ќе трае невообичаено долго време – околу 12 дена.