На денешното 458-мо рочиште од почетокот на судскиот процес против Златна зора, надлежната обвинителка се очекува да ги соопшти предлозите за висината на казните за обвинетите поранешни пратеници, членови, но и лидерот на партијата, јави дописничката на МИА од Атина.
По предлогот на обвинителката за казните, збор повторно ќе имаат адвокатите на осудените, а откако членовите на судскиот совет ќе одржат состанок, ќе бидат соопштени конечните казни за осудените за криминална организација.
Станува збор за долг и обемен процес, но и 50 осудени лица, па така, не е исклучена можноста, казните да бидат соопштени утре, на ново рочиште.
Со оглед на тоа дека вчера, судот ги отфрли барањата на адвокатите за ублажување на казните и нема да бидат земни предвид олеснителните околности, претседателот на Златна зора и шест од поранешните пратеници се очекува да добијат од пет до 15 години затворска казна за формирање криминална организација.
За учество во криминална организација, четири поранешни пратеници и уште девет други лица, ќе добијат пониска казна, бидејќи судот ги прифати барањата на нивните адвокати.
На вчерашното рочиште, присутен беше и поранешниот пратеник од Златна зора, а сега независен европратеник Јанис Лагос, кој побара збор и рече дека е повредена пресумпцијата на невиност и постоела директна или индиректна интервенција и од грчкиот премиер.
Преку неговиот адвокат побара да бидат изземени членовите на судскиот совет, што беше причина да се прекине редовниот тек на судскиот процес и да се разгледа доставеното барање.
По неколку часовен прекин, рочиштето продолжи за судијката да соопшти дека се отфрла конкретното барање, но и дека процесот ќе продолжи денеска.