четврток, 23. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Нова демократија го суспендираше партиското членство на Спираки, нема да биде кандидатка за пратеничка

Нова демократија го суспендираше партиското членство на Спираки, нема да биде кандидатка за пратеничка

Европратеничката Мариа Спираки нема да биде кандидатка за пратеник на Нова демократија на следните парламентарни избори во Грција, а паралелно ѝ е суспендирано и партиското членство со одлука на претседателот на владејачката партија Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Одлуката доаѓа откако европската обвинителка побара одземање на пратеничкиот имунитет и на Спираки по извештајот од Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ), дека постојат сомневања за сторена измама на штета на буџетот на ЕУ, во врска со пратеничкиот додаток за асистенти.

-Со одлука на претседателот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис, суспендиран е статусот член на Нова демократија на европратеничката Мариа Спиракис до завршување на истрагата за случајот. Се додека трае горенаведената одлука за суспензија, Марија Спираки нема да биде кандидат за пратеник на Нова Демократија во изборната единица еден во Солун на следните национални избори, соопштија од Нова демократија.

Спираки е поранешна новинарка, а во 2014 година, по 22 години го напушти новинарството и беше кандидатка за европратеник на Нова демократија, кога доби мнозинство од гласовите и беше прва на листата.

На евроизборите во 2019 година одново ја доби довербата на граѓаните и по втор пат беше избрана за европратеничка.

Кон крајот на ноември Спираки се сретна со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис кога беше соопштено дека на следните парламентарни избори во 2023 година, ќе биде кандидатка за пратеничка на Нова демократија во изборната единица во Солун. (МИА)