Поранешната ѕвезда на Барселона, Арда Туран, доживува вистински пекол во својата родна Турција. Откако беше казнет за туркање на асистент-судија, а потоа се степа со познат локален пејач, обвинителството сега го гони Туран за тероризам.
Обвиненијата се повеќе од тешки и може да остават траен белег врз неговиот живот, бидејќи има сомневања дека фудбалерот одржува врски со луѓе на исламскиот свештеник Фетхулах Ѓулен, кој во Турција е со статус на терорист и поттикнувач на обидот за преврат во 2016-та година.
Обвинителството се сомнева дека фудбалерот помага на екстремистите, заедно со уште шестмина играчи од домашното првенство, пренесе локалното издание „Хуриет“.
Ако обвиненијата бидат докажани, ќе бидат прифатени како „нож во грбот“ на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој не само што е близок до Туран, но дури и му беше кум на свадбата.