петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Регион

„Објавете ја вистинската слика за обемот на трагедијата“ – не се знае колку луѓе се исчезнати по несреќата во Грција

„Објавете ја вистинската слика за обемот на трагедијата“ – не се знае колку луѓе се исчезнати по несреќата во Грција

Од грчката опозициска партија СИРИЗА упатуваат апел до надлежните да ја објават „вистинската слика за обемот на трагедијата“ и коментираат дека сѐ уште е непознат бројот на исчезнати по железничката несреќа кај Темпи во вторникот навечер.

-Речиси два дена по трагедијата кај Темпи и уште нема официјално соопштение за бројот на лица кои се сметаат за исчезнати. Апелираме до надлежните органи конечно да ја дадат вистинската слика за обемот на трагедијата, вели портпаролката на СИРИЗА Попи Цапаниду.

Според последните официјални податоци од Противпожарната служба на Грција што се однесуваа до 11 часот утрово, потврдениот број на загинати е 46 лица, меѓутоа, форензичарката од Лариса Рубини Леондари, попладнево, за грчките медиуми рече дека во тек е идентификација на телата преку ДНК анализи и дека бројот на загинати е 57.

Социјалните мрежи и медиумите во Грција се полни со апели од роднини и пријатели на исчезнати лица, кои објавуваат фотографии и бараат информации.

Бројот на исчезнати сѐ уште не е познат, ниту пак постои точна информација колку патници имало во возот.

Неколку часа по несреќата од компанијата „Hellenic train“ соопштија дека во патничкиот воз се превезувале „околу 350 патници“, а портпаролот на Противпожарната служба вчера рече дека имало 342 патници, десет членови на екипажот, а во товарниот имало две лица.

Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите објасни дека од повеќе причини тешко е да се знае точниот број на патници.

Прво, како што рече, поради тоа што не се сите билети со име и презиме, бидејќи не биле сите купени онлајн, а оние кои се од шалтер се без лични податоци.

И второ, бидејќи некои луѓе можеби се качиле во возот во последен момент. (МИА)