Од Атина за Лисабон денеска заминаа првите 25 деца бегалци без придружба, од вкупно 500 колку што е планирано да прими Португалија.
Станува збор за 19 деца од Авганистан, четири од Египет и по едно од Гамбија и Иран кои досега беа сместени во камповите на островите Лезбос, Самос и Хиос, а се дел од групата од вкупно 500 деца кои од Грција ќе започнат нов живот во Португалија.
Алтернативниот министер за цивилна заштита на Грција Јоргос Кумуцакос, надлежната во грчката Влада за заштита на децата бегалци без придружба Ирини Агапидаки и амбасадорката на Португалија во Грција Хелена Паива, ги испратија децата од атинскиот аеродром.
Во рамките на европскиот план за релокација на 1.600 деца бегалци без придружба од Грција во земји од ЕУ, утре, за Финска ќе заминат 25 деца.
Кумуцакос рече дека паралелно со планот за децата бегалци без придружба, се спроведува и програмата за доброволно враќање на мигрантите во нивните земји на потекло.
-Ги мотивираме барателите на азил кои се наоѓаат на островите, а стигаа во Грција до 1 јануари 2020 година, со одредена финансиска поддршка да се вратат во нивните татковини. Планираме првиот лет од оваа програма тешка за спроведување, да биде од Грција за Ирак во следните седмици, рече Кумуцакос. (МИА)