На 72- годишна возраст од Ковид-19 утрово почина познатиот грчки новинар Јоргос Трагас, кој не беше вакциниран и десет дена водеше битка со коронавирусот на одделот за интензивна нега во атинска болница, јави дописничката на МИА од Атина.
Со долгогодишна кариера и како новинар и како издавач на весници, со низа емисии на ТВ и радио, Трагас беше меѓу попознатите новинари во Грција и покрај тоа што карактеристични за него беа популистичките и радикалните ставови за одредени теми, отворено беше против Договорот од Преспа, а во февруари годинава го формираше политичкото движење „Слободни луѓе“.
Иако со повеќе здравствени проблеми, Трагас не бил вакциниран, нешто што е наведено и во соопштението за смртта издадено од атинската болница, а во минатото самиот јавно имаше изнесено ставови и против мерките за пандемијата и против задолжителната вакцинација.
Сепак, портпаролот на движењето Парис Курѕидис, говорејќи за грчките телевизии, утрово беше категоричен дека новинарот бил против вакцината, туку едноставно се плашел да се вакцинира бидејќи бил дијабетичар, а имал и алергии.