Патарината во Србија од 1 јануари ќе се зголеми за девет отсто, најави в.д. директорот на јавното претпријатие „Патишта Србија“ Зоран Дробњак, јави дописникот на МИА од Белград.
Дробњак за весникот „Курир“ изјави дека Владата на Србија го одобрила зголемувањето на патарините.
– Ако цената на патарината за првата категорија возила на делницата Белград – Прешево е 1.490 динари (12,6 евра), сега по поскапувањето ќе биде 1.624 динари (13,8 евра), изјави Дробњак.
Цената на делницата Белград – Димитровград сега е 1.310 динари, а доколку се зголеми цената ќе биде 1.427 динари, пишува „Курир“.
За делницата од патот Белград – Шид, патарината е 420 динари, а ќе биде 457 динари. За делницата Белград – Суботица патарината сега е 640 динари, а по поскапувањето ќе биде 697 динари. Патарината за делницата Белград-Ниш е 890 динари, а од 1 јануари возачите ќе ги чини 970 динари.
Со измената на Одлуката за висината на патарините, изменети се и попустите за електронска наплата (ЕНП), каде за уплати од 20.000 до 50.000 динари попустот ќе биде четири отсто, за уплати од 50.000 до 100.000 шест отсто, и осум отсто за уплати над 100.000 динари.