Коосновачот на политичкиот проект „Промената продолжува“ и доскорешен бугарски министер за економија, Кирил Петков, за Нова ТВ искоментира дека е многу среќен што слушнал дека Христо Иванов и Маја Манолова, лидерите на „Демократска Бугарија”и „Исправи се БГ. Доаѓаме ” сакаат да разговараат со нивната коалиција.
И двете формации побараа разговор бидејќи тоа била една од нивните цели.
Петков, меѓутоа, ја отфрли идејата за заеднички листи меѓу коалицијата „Промената продолжува“ и „Демократска Бугарија“ пред претстојните парламентарни избори, закажани за 14 ноември, изјавувајќи дека на изборите секој треба да се појави сам.
Целта, рече Петков, е во новото 47. Народно Собрание на Бугарија да има 121 искрен пратеник.
Тој посочи дека „Има таков народ“, партијата на Слави Трифонов, работеше добро со претседателката на 46. Народно собрание, Ива Митева, и со Мика Зајкова. Според него, „Има таков народ“ треба да го проголтаат своето его и да разберат дека не можат сами да управуваат. Потребно е обединување според заеднички принципи.
Според Петков, „Промената продолжува“ станува нов политички центар во Бугарија.
-Мора да им дадеме целосна демократија на гласачите да гласаат за цела палета – од најлево кон најдесно, додаде Петков. (МИА)