Приморската населба Мати, на само 30 километри од центарот на Атина, што важеше за едно од омилените летувалишта на Атињаните, но и на туристите, по 2018 година веројатно засекогаш ќе биде асоцијација на голема трагедија, по катастрофалните пожари во кои за само неколку часа беа загубени 102 човечки животи, јави дописничката на МИА од Атина.
Грција денеска ја одбележува четиригодишнината од еден од најкатастрофалните и најголемите пожари во современата историја, но и вториот пожар во светот во 21 век со најголем број жртви.
Неколку приморски населби во општина Рафина, во источниот дел на областа Атика, беа зафатени од пожарите, а над 40 лица изгореа живи откако не успеаја да најдат излез за да стигнат до морето.
Буквално се заглавија во тесните улички пеш или во обид со нивните автомобили да им побегнат на огнените јазици, а голем дел од граѓаните спасот го бараа во морето.
Се спасија од пожарот, но се задушија од чадот или се удавија чекајќи помош.
Веќе четврта година по ред, 23 јули во Грција потсетува само на Мати, на трагичните судбини, на плачот, на повиците за помош, на болката, на црните слики од местото на пожарот, на мирисот на чад, на 102 загубени животи.
Некои изгореа живи, некои се задушија од чадот, други се удавија во морето, сите барајќи спас од огнената стихија што со огромна брзина се ширеше и „голташе“ се пред себе.
Некои ги загубија родителите, некои децата, некои сопрузите, но се загубија и цели семејства.
Сведоштвата од пред четири години се еднакво трогателни како и тогаш.
Огнените јазици беа толку големи до степен што добиваш изгореници од зрачењето, без да имаш физички контакт; го земав детето, го завиткав во пешкир и инстиктивно почнав да трчам кон плажата, сопругата остана зад мене, за жал не успеа да стигне до морето; никој не нѐ предупреди, никој не се обиде да нѐ евакуира. Влеговме во море, останавме таму околу два- два и пол часа и нѐ спаси рибарски чамец; во обид да избегаат од кампот што гореше, на 15-20 метри од излезот ги пронајдовме моите родители изгорени и прегрнати, се само дел од сведоштвата за МИА, пред четири години, на дел од преживеаните од катастрофалните пожари.
23 јули 2018 година – И додека вниманието на јавноста е насочено кон големиот пожар во областа Кинета во западниот дел на Атика, поширокиот регион на Атина, а силниот ветер дополнително ја отежнува ситуацијата, стигнува информација дека на спротивната страна, во источниот дел, во близина на планината Пендели постои нов пожар со големо жариште што исто така брзо се шири и со интензитет многу поголем од очекуваното.
Со ненадејно променета насока поради силниот ветер, огнените јазици за миг стигнуваат до Нео Вуѕа, Мати и Кокино лиманаки во областа Рафина.
Од попладневните часови до доцна во ноќта ситуацијата е хаотична, без официјални информации, со луѓе во очај кои се јавуваат во медиумите и бараат помош, велејќи дека тоа е нивната последна надеж да не изгорат живи.
Граѓани кои се собрани на плажа и во море и чекаат помош, но и граѓани кои пливаат. Пливаат за да стигнат до безбедно копно, далеку од чадот и пожарот.
Во близина е Рафина, местото во кое се наоѓа едно од трите големи атински пристаништа, па траекти кои од островите се враќаа во Атина спасуваат луѓе од морето, а на помош излегуваат и рибари со рибарски чамци.
Доцна во ноќта, во новинарските кругови веќе стигнуваат првите трагични информации, се споменуваат жртви, изгорени автомобили заглавени во тесните улички, изгорени куќи, но без официјална потврда сè до три часот по полноќ кога тогашниот владин портпарол Димитрис Ѕанакопулос вели дека „Атика се соочува со многу тешка ноќ“ и соопштува дека загинати се над 20, а повредени над 100 лица.
Пожарот беше ставен под контрола, но веќе беа загубени десетици човечки животи, а Грција се најде пред голема трагедија.
Бројката на загинати континуирано се зголемуваше, денот по пожарот беше уште потрагичен, особено со веста што ја шокираше јавноста дека на плац, во обид да најдат излез до морето живи изгореле 26 лица, а јагленосаните тела ги пронајдоа спасувачките екипи.
Исто толку тешки беа и деновите што следеа. Се пребројуваа жртвите, се бараа исчезнати, се идентификуваа телата на загинатите, се вршеа потраги по копно и море, преживеаните сведочеа за трагедијата.
Тогаш, дел од нив, во разговор со дописничката на МИА од Атина, но и за грчките медиуми ги раскажаа нивните трагични судбини, еден ја загубил сопругата, друг родителите, трет неговиот син, пожарникар додека бил на должност го загубил 6 месечното бебе, а татко преку медиумите го бараше неговиот 13 годишен син, кој подоцна се најде на листата загинати.
На крајот од јули 2018 година, катастрофалниот пожар во близина на Атина беше главна тема, не само во грчките, туку и во сите светски медиуми, а повеќе земји, меѓу кои и Северна Македонија испратија помош за Грција.