Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, пред почетокот на ЕУ самитот изрази увереност дека и покрај несогласувањата ќе се изнајде решение за ембаргото врз руската нафта, јави дописничката на МИА од Брисел.
Шефот на хрватската Влада, Андреј Пленковиќ, смета дека е нормално што постојат несогласувања околу санкциите врз руската нафта бидејќи е чувствително прашање, но уверен е дека ќе се постигне договор.
-Енергетската зависност не може преку ноќ да се реши, затоа траат преговорите, но правецот е добар и не гледам долгорочен проблем, изјави Пленковиќ пред малку во Брисел, непосредно пред почетокот на вонредниот лидерски самит на ЕУ на кој ќе се разговара шестиот пакет санкции врз руската нафта.
Според Пленковиќ, важно е да се земат предвид специфичностите на сите земји во оваа операција на осамостојување од руската нафта, а за тоа се потребни и значајни инвестиции во нафтоводи и гасоводи и поврзување на мрежите за сите земји да можат да имаат пристап до енергенси без негативни последици врз цените.
Хрватскиот премиер, исто така, истакна дека јадранскиот нафтовод е “целосно способен да донесе огромни количини нафта потребна за рафинериите“, вклучително и кон Унгарија. Хрватска, рече тој, може да помогне благодарение на своите пристаништа и складишта. Се разгледуваат разни опции, но за Пленковиќ најдобра е дополнителна инвестиција во нов терминал. Веројатно ќе одиме во тој правец, рече шефот на хрватската Влада.
-Можеме да направиме важен исчекор, Хрватска има прилика да стане навистина енергетски хаб во централна Европа, изјави премиерот Пленковиќ.
Шефовите на држави и влади денеска ќе се обидат да постигнат политички договор за шестиот пакет на санкции врз руската нафта, пакет блокиран од Унгарија поради недоволни гаранции за енергетската безбедност. (МИА)